Невенка

Отсекогаш, мојата претстава за Италија беше дека е голема и многу, многу убава земја, а дека луѓето ја сакаат уметноста, тестенините, го сакаат животот.... Но пред да ја посетам Италија, сето ова ми се чинеше многу далечно. Всушност, знаев што е Италија, но сепак не знаев што точно ме очекува и што да очекувам.
Моето патување само по себе беше една авантура. Патував сама и малку бев исплашена бидејќи се беше ново, но штом пристигнав во Санта Маргерита, стравот исчезна. Човек не може да остане рамнодушен кога ќе го види ова прекрасно гратче како всушност и цела Лигурија. Со морето, познатиот лигурски сос песто, магијата на Чинкуе Терре, специјалитетот фокача ... Шетав наоколу и се прашував дали навистина сум тука...

Луѓето што ги запознав за времетраењето на курсот беа дојдени од сите страни на светот: Чиле, Аргентина, Франција, САД, Австралија, Русија, Тунис, Венецуела... Сите различни, но сепак исти. Неверојатно беше колку брзо се спријателивме. Сите зборувавме италијански и сите грешевме, но беше многу забавно и на крајот од курсот, сите зборувавме многу, многу подобро. Да се учи јазик е многу поефикасно кога мора да се користи постојано! Со речиси сите се спријателив и денес, по една година, сеуште контактирам со некои од нив.
Многу е тешко да се изрази се она што го видов и научив за време на престојот во Италија. По само она малку што го видов од убавината и духот на луѓето таму, од мирисот на воздухот, сфатив дека никој не може тоа да го опише, тоа е толку силна емоција и создава толку голем ефект, така што ја засакував Италија секој ден повеќе!
Поминав еден месец како стипендист од Аузонија на овој Интернационален курс во Санта Маргерита Лигуре при Универзитетот од Џенова и можам да кажам дека успеав да видам само еден мал дел од она што се вика Италија. Има толку многу нешта да се посетат и дефинитивно знам дека мора повторно да се вратам.

Јас и Италија – тоа беше љубов на прв поглед!