Maja

Санта, Санта Маргерита- извикав штом слегов од возот. Во мене бура од емоции, измешани чувства, конечно газам по тлото на мојата Италија. Пред мене, пак, пејзаж од кој ти се одзема здивот- јасни линии и занесен контраст на пространства во неповторлива зелена и сина. Градби во стил, впечатлив за Лигурија, сите слични една на друга, а сепак секоја со свој личен печат. На почеток сме пред авантурата во Санта. Лутајќи низ калдрмените улици, слични на рибарска мрежа, полека го намирисувавме присуството на живиот и разигран италијански дух. Нема ќоше кое што не е наменски искористено, мали слатки барови, пилари, пекари од кои се шири мирисот на медитеранот. Го бараме Иституто Сан Џорџо, нашиот дом во наредните четириесет дена. Уморот не е ништо во споредба со возбудата од тоа што не чека наредниот период.Осумнаесети август-прием во Вила Дурацо, местото каде што се одржуваа часевите од летниот курс. Импозантна градба, вила од соништата каде што времето замрзнало чувајќи го љубоморно сиот тој раскош кој сведочи за животот од XVI век. Во прекрасниот парк ги запознавме и првите стипендисти.

Ги имаше од најразлични краеви на светот: Русија, Јапонија, Либија, Аргентина... Заедно го испивме и првото капучино, и се упативме кон училницата каде не чекаа професорите за да ни посакаат срдечно добредојде. Секој од нив се претстави кажувајќи по нешто за сопствениот предмет. По првото предавање се упативме на ручек. Конечно, долго очекуваната паста со незаборавен вкус на домат и песто. Насекаде љубопитни погледи, нестрпливи да дознаат нешто повеќе. Со тек на време, дружењето стануваше се‘ поинтензивно. Споделувавме радости и тага, лични искуства, совети, заедно пишувавме домашни, решававме проблеми. Четвртоците беа резервирани за коктел забави со музика која те понесува. Сите заедно одевме на екскурзии организирани од училиштето, но и на индивидуални излети за викендите.

Секој град во Италија дише во посебен стил и култура. Те исполнува со уникатна енергија, ти дозволува да го доживееш онака како што ти сакаш. Звуците на прекрасните и пространи плоштади излезени од виолината на некој уличен музичар будат чувства од кои заплакуваш секој пат штом ги наслушнеш во спомените. Со еден збор, незаборавно. И како, кажете ми, како можеш да ја напуштиш, а ти се чини си чекал еден цел живот за да ја видиш? Солзи и тага зашто оставаш зад себе толку многу пријатели и толку многу убави моменти, наспроти радоста што се враќаш онаму каде припаѓаш- дома. На дваесет и четврти септември, во Санта заврна дожд.. ги скри солзите но не и зацрвенетите очи. Прегратки и збогум.
“Ќе се видиме ли пак?” Можеби, но не во исто време, и не во ист состав. Бевме генерација каква што секој посакува. Како и да е, Санта е таму и не’ чека. Навистина не знам како да се заблагодарам на училиштето за италијански јазик “Аузонија”, и професор Јулијана што ми ја овозможи оваа единствена прилика.Благодарение на Вас мојот долгогодишен сон стана реалност.Со копнеж и надеж да отидам повторно, од се’ срце ви го препорачувам како град за едно исклучително доживување.