Катерина

“Престојот во Фиренца за мене беше навистина прекрасно и незаборавно искуство. Добив можност да престојувам во Италија, да ја откријам убавината на бесцелното талкање по фирентиските улици, да подзастанувам покрај уличните книжарници, покрај малите уметнички работилници, да уживам јадејќи го највкусниот сладолед што сум го пробала досега, да им се восхитувам на малите балкончиња преполни со цвеќе, на жонглерите, на уличните свирачи, да се возам со воз и така да ја запознаам онаа другата Италија со маслинови дрвја, со сончогледи, винови лози, мали гратчиња. Потоа имав можност да учам во една поинаква средина каде сите функционираат како едно семејство и каде постојано има еден куп луѓе.

Во Фиренца се добива впечаток дека светот е собран на едно место, има туристи од цел свет. Една од убавите работи е дека и ние бевме дел од таа мешаница. Во Фиренца запознав многу пријатели, сфатив дека меѓу мене и нив нема голема разлика, дека светот е мој дом и дека предрасудите се навистина глупава работа. Со многу од нив сеуште контактирам и навистина ми е мило што ги запознав. Можам да кажам дека сум многу среќна што токму јас ја добив стипендијата.“