Ели и Елена

„Посетата на Италија беше вистинско доживување и големо искуство. Доколку никогаш не сте ја посетиле таа нека биде вашата следна дестинација. Доволни ви се неколку денови да ја почувствувате магијата која таму се случува. Кога патувате во некоја земја, велат најважно е да ги посетите големите градови бидејќи тие можат да ви понудат повеќе, но во Италија тоа не е случај зошто секое место има посебен шарм и носи дел од историјата кој го прикажува на најверодостоен начин.

Ние го посетивме регионот Венето кој на најдобар начин ни ја долови софистицираната Италија. Сите градови ни оставија неповторлив впечаток, но Венеција ќе остане најдолго во нашите мисли. Шетајќи се низ Венеција ве опива некое посебно чувство, останувате вчудоневиден од прекрасната архитектура од невообичаениот спој на градот на вода, но неможете да замислите што ве очекува кога ќе стигнете до плоштадот и ќе погледнете во велиќченствентата градба на Сан Марко. Тоа е чувство кое со зборови не се опишува, треба да се доживее. Црквата е преубава и поголема отколку можете да си замислите и сето тоа е совршено вклопено со Дуждовата Палата и пристаништето кое го красат бројните гондоли и гондолиерите кои се трудат да го привлечат вашето внимание. Карневалот кој се случува таму е прекрасен и нуди голема елеганција и софистицираност отколку било кој друг. Сето ова беше вистинско доживување кое ќе остане со нас засекогаш.„