Борко

"Сите ние во одредени моменти од нашиот живот се наоѓаме на една крстосница кога треба да направиме некаков избор во однос на нашата идна професија. Некогаш по наша искрена желба, некогаш ја слушаме нашата интуиција, во одредени ситуации тука е и самата социјално-економска ситуација, па луѓето кои се чуствуваат слободни да ни го дадат своето мислење и ете не нас, би рекол на својата почетна работна патека од нашиот живот.

Е овде со текот на времето се наметнува прашањето, колку ние тоа што го работиме не исполнува, колку ние на тоа се прилагодивме, и во ова време колкава егзистенција ни нуди таа работа, и ако нешто ни недостасува што треба да направиме за да го пополниме тој празен простор. Така анализирајќи се самиот себе, дојдов до заклучок дека комуникацијата со луѓето е еден голем предизвик за мене, и тоа комуникација како со луѓе од нашето поднебје, така и со луѓе кои имаат поинаков начин на разбирање на животот од оној нашиот.

Па така, водејќи се од таа мисла и мојата одлука да започнам со изучувањето на италијанскиот јазик не беше ни малку случајна, тоа беше плод на мојата искрена желба да научам јазик кој ќе ми помогне поблиску да запознаам дел од италијанската култура и дел од италијанскиот народ.

Изучувањето го започнав во Струмица, во Работнички Универзитет – Струмица. за среќа на целата моја почетна група ученици, постоеше еден искрен интерес меѓу нас да се научи нешто од италијанскиот јазик. и така ја добивавме и искрената подршка од нашата професорка.

По завршувањето на двата степени од изучувањето на јазикот, следуваше 2005 година и моја привремена работна преселба во Скопје. Така се случи и мојата средба со Аузонија - препораката од мојата професорка во Струмица беше да го барам училиштето кое е специјализирано за италијански јазик.

Беше една есенска вечер, кога сеуште училиштето Аузонија беше во своите почетни простории – кога вратата од училиштето во зградата покрај собранието ми ја отвори мојата идна професорка Јулијана Синадиновска. Ме пречека со насмевка во една пријатна работна, но релаксирана атмосфера. Следуваше мое тестирање за одредување на нивото на мојот италијански јазик и така уште еднаш имав убава шанса да се приклучам на трети степен група од прекрасни уценици – мои колеги.

Кога ја имаш внатрешната желба за изучување на јазикот, таа може да се засили уште повеќе ако имаш една пријатна атмосфера околу тебе и се разбира овде беше подршката и стручноста од Јуле (така настојуваше да и се обраќаме). Кога ги пишувам овие зборови како да поминувам уште еднаш низ часовите во Аузонија, еве сега се сетив колку ни беше убава програмата за изучување. Тука беа часовите предвидени за граматика, часовите предвидени за наше писмено изразување, потоа обидите на Јуле да се трудиме да го турнеме тој стереотип дека кога сме во Аузонија на час по италијански – да го користиме што повеќе јазикот, и секако да не ги одминам оние часови кои беа предвидени за гледање филм секако само на италијански јазик.

Во мај 2006 го завршив четврти степен италијански јазик, па следуваше летниот период малку одмор и секако за моја голема среќа и благодарност до Аузонија, бев еден од двајцата што после интерното тестирање добив стипендија за летна школа на италијански јазик во едно прекрасно мало гратче кое се вика Санта Маргерита Лигуре, во областа Лигурија.

Зборовите на Јуле дека гратчето Санта Маргерита Лигуре има посебна убавина, беа само еден увод во мојот незаборавен 40 дневен престој во Италија, кој благодарение на соработката што ја има училиштето Аузонија во Скопје со Универзитетот во Џенова ни овозможи учење и дружење со преку 50 луѓе од целиот свет.

Моето искрено благодарам до Аузонија, а би сакал во некоја наредна прилика да напишам нешто повеќе и за моето искуство на летната школа во Санта Маргерита Лигуре. Нека е за многу години постоењето на оваа училиште.