Бојана

Оваа година го посетив регионот Венето за време на карневалот. Патот беше долг и тежок, но сепак вредеше. Првиот град што го посетивме беше Падова и црквата Сан Антонио. Падова е град со богата историја и многу културно – историски знаменитости. Многу се забавувавме затоа што ова патување ни беше прво патување во Италија. Следниот ден заминавме за Венеција со воз, а кога пристигнавме таму имаше премногу луѓе. Градот беше преплавен со туристи од целиот свет. Времето беше прекрасно и сончево, а ние бевме пресреќни и воодушевени. Венеција ја посетуваат милиони туристи кои се восхитуваат на нејзините споменици и на историските сведоштва. За мене Венеција претставува единствен град, кој не може да се посети секој ден. Јас бев маѓепсана од убавината на базиликата Сан Марко. Целта на нашето патување беше карневалот. Славниот плоштад Сан Марко беше преполн со маски и костуми од минатото, туристи со камери и гондолиери кои не` чекаа да не` прошетаат низ каналите на градот. Се шетавме цел ден и видовме прекрасни нешта, но гондолата е нешто на кое ќе се сеќавам засекогаш. Јас имам страв од вода, но ова искуство беше незаборавно. Целиот град е конструиран на трупци од дрво и куќите се украсени со стакло од Мурано. Се обидов да ви ја претставам типичната слика за Венеција, но сепак зборовите не можат да ја опишат таа убавина, треба да се посети и да се доживее овој град.