Испити CILS

ШТО Е CILS?

Училиштето Аузонија од учебната 1999/2000 започна со организирање подготвителни курсеви за оние слушатели кои се заинтересирани да се здобијат со сертификатот CILS (Certificazione di italiano come lingua straniera), сертификат за познавање на италијанскиот како странски јазик..
Аузонија од 2005 година, од страна на Универзитетот за странци во Сиена, е овластен Центар за подготовка и полагање на Меѓународниот испит за познавање на италијанскиот јазик CILS.
Тоа е Сертификат, официјална титула, со кој се одредува и потврдува степенот на познавање и нивото на способност за комуникација на италијанскиот јазик како странски јазик според Заедничката Европска рамка на јазиците.
Сертификатот се издава од Универзитетот за странци во Сиена и е признаен врз основа на Спогодба со Министерството за надворешни работи и Министерството за образование и наука на Италија.

НИВОА НА ИСПИТОТ

Од 1993 година центарот CILS при Универзитетот за странци во Сиена, започна да издава сертификати за четири нивоа на познавање на јазикот. Досега илјадници кандидати го полагале испитот во повеќе од 70 седишта на CILS во Италија и низ светот.
Јазичните нивоа на испитот CILS се стандардизирани според Заедничката европска јазична рамка (Common European Framework of Reference for Languages), а се поделени на шест нивоа: А1, А2, UNO B1, DUE B2, TRE C1, QUATTRO C2.

ЗА КОГО Е НАМЕНЕТ ИСПИТОТ?

Сите странски државјани кои што го изучувале италијанскиот јазик имаат право да го полагаат овој испит. Не постои старосна граница или потреба од поседување на диплома за соодветно образование ниту пак е потребно да се положи понизок степен од овој испит, за да се полага повисок.
Испитот CILS може да го полага секој заинтересиран кандидат независно од тоа каде и по кој метод го изучувал јазикот.
Секое ниво означува соодветна јазична подготвеност и знаење :
- Нивоата А1 и А2 означуваат основно познавање на италијанскиот јазик. - Нивото UNO B1 гарантира способност за комуникација во секојдневни ситуации. Им користи на странците кои бараат работа во Италија каде има основна комуникација. - Нивото DUE B2 овозможува упис на италијанските универзитети без да се полага приемен испит по италијански јазик. - Нивоата TRE C1 и QUATTRO C2 на кандидатите можат да им донесат дополнителни поени при класификација на приемните испити на универзитетите или при постдипломските студии во Италија, а исто така гарантираат способност и соодветно високо ниво на познавање и користење на италијанскиот јазик во официјални професионални ситуации.

Сите странци кои што сакаат да престојуваат подолг период во Италија, потребно е да имаат минимално познавање на јазикот, што подразбира положување на испитот CILS, ниво А2.

Сертификатот CILS го потврдува нивото на лингвистичко и комуникативно познавање на јазикот и истиот се состои од пет дела: проверка на способноста за усно разбирање, разбирање на писмен текст, писмено изразување и проверка на граматичко познавање на јазикот и сето тоа се полага писмено во група, според одреденото ниво, додека усното изразување се полага индивидуално и се снима на компјутер, односно на цд.

Испитите се одржуваат во ист ден во сите центри на CILS во светот, а испитниот материјал директно се испраќа до главното седиште на CILS при Универзитетот за странци во Сиена и се вреднува и оценува од страна на овластени професори. За да се стекне со Сертификатот, кандидатот треба да освои најмалку 55 од вкупно 100 бодови. Овој Сертификат може да му послужи секому при студирање во Италија, како и при вработување било каде во светот каде што се бара познавање на италијанскиот јазик.

Цената на испитот е од 30 до 90 евра (во зависност од степенот).
За успешно положување на испитот CILS, Центарот Аузонија организира подготвителни курсеви за CILS.
Испитот се одржува два пати годишно во јуни и декември, во однапред утврдени датуми.
Краен рок за пријавување е 20-ти октомври, за испитот кој ќе се одржи на почетокот на декември или до 20-ти април, за испитот што ќе се одржи на почетокот на јуни.

За попрецизен датум на испитот, ве молиме да се јавите во нашиот Центар на 02 / 32 45 683.